Перфектниот Халибартон ја однесе Индијана на чекор до големото финале (ВИДЕО)

Индијана Пејсерс поведе со 3-1 во финалето на Источната конференција по триумфот против Њујорк Никс на домашен терен со 130-121.

Прва ѕвезда на мечот беше Тајрис Халибартон кој постигна 32 поена, 15 асистенции и 12 скока и стана прв играч во историјата на НБА со трипл дабл со над 30 поени, а без загубена топка. До трипл дабл можеше да стигне уште во првото полувреме, но му недостасуваше еден скок за таков подвиг (20 поени, 10 асистенции, 9 скока). Индијана сега е на само чекор од пласман во големото финале на НБА каде последен пат играше пред 25 години.

Во првото полувреме од дуелот беа постигнати 133 поени, двете екипи погодуваа од сите страни, а тренерот на Њујорк искористи дури десетмина кошаркари од ростерот, нешто што не му се случило последните 15 години, уште од времето кога го водеше Чикаго Булс. На голем одмор беше +5 за Индијана, а клучната предност Пејсерс ја направија во третиот период во кој Њујорк не постигна ниедна тројка, а домаќините ја завршија со водство од 12 поени разлика. Во финишот Њујорк се врати на пет негатива, но не ја загрози победата на домаќинот кој може да ја заврши својата работа веќе утре вечер во Медисон Сквер Гарден каде веќе славеше два пати во оваа серија. Патем, синоќешниот натпревар беше прв од оваа серија во кој триумфираше домашниот тим.

Покрај Халибартон, кај Индијана се истакна и Паскал Сијакам со 30 поени, Матуран додаде 20, а Несмир 16. Џејлен Брансон повторно беше најефикасен кај Њујорк, со 31 поен, додека Карл Ентони Таунс оствари дабл дабл со 24 поени и 12 скока.