МЗТ оди во Кале по нова титула, ТФТ ќе се обиде да го уништи славјето

Со водство од 2-0 и огромна психолошка предност, МЗТ Скопје ќе му гостува на ТФТ во третиот натпревар од финалната серија во домашниот кошаркарски плејоф.

На клубот од Аеродром му недостасува уште една победа за шеста титула по ред и вкупно 12. во историјата и навивачите очекуваат до неа да дојде денеска со што ќе ја комплетира тројната круна во домашната кошарка и ќе стави крај на уште една успешна сезона. МЗТ Скопје е во долга серија победи во плејофот, последен пат загуби во 2022 година, а и во дуелите со ТФТ има значително подобар биланс.

Од друга страна, ТФТ повторно нема што да загуби бидејќи веќе го оствари својот најголем успех во историјата со пласманот во финалето. Желба на сите во Тафталиџе е скапо да ја продадат кожата и барем еднаш да го совладаат својот ривал бидејќи евентуална победа ќе биде историска за ТФТ во една финална серија од плејофот. Во основниот дел од сезоната, тимот на Боро Смилковски успеа да го победи МЗТ Скопје во Кале и затоа се надева на идентично сценарио вечерва со што ќе го расипе планираното славје на аеродромци.

Третиот натпревар од серијата се игра во стандардниот термин за финалето, од 19:30 часот.