ФФМ ги опомена клубовите: Не толерираме долгови – кој не плати нема ни да игра!
Најстрогата мерка се однесува на прволигашите, кои во случај да имаат неподмирени долгови кон ФФМ нема да можат да учествуваат во натпреварувањето. Второлигашите, пак, со нерешени финансиски обврски нема да добијат право ниту да учествуваат во извлекувањето на натпреварувачките броеви за сезоната 2027/28.
Од ФФМ потсетуваат дека во изминатиот период во повеќе наврати им излегувале во пресрет на клубовите, дозволувајќи одложено и етапно плаќање на долговите врз основа на меѓусебни договори. Сепак, голем број клубови не ја испочитувале договорената динамика на исплата, поради што федерацијата решила да воведе построг финансиски ред и еднаков третман за сите учесници во натпреварувањата.
Покрај оваа одлука, Управниот одбор го усвои и предлогот за утврдување на котизациите за клубовите од Првата и Втората македонска фудбалска лига за сезоната 2027/28, како и проектот за реконструкција на подтрибинскиот простор на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани. На седницата беше усвоен и новиот систем за организација на македонскиот фудбал, според кој територијата на државата ќе биде поделена на шест региони со цел поефикасно функционирање на натпреварувачката структура на национално и регионално ниво.
РЕГИОН 1: Ги опфаќа општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Зелениково, Сопиште, Студеничани и Сарај.
РЕГИОН 2: Ги опфаќа општините: Липково, Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово.
РЕГИОН 3: Ги опфаќа општините: Кочани, Македонска Каменица, Свети Николе, Лозово, Делчево, Пехчево, Берово, Ново Село, Босилово, Василево, Конче, Струмица, Радовиш, Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци и Пробиштип.
РЕГИОН 4: Ги опфаќа општините: Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Кавадарци, Прилеп, Долнени, Чашка, Росоман, Крушево и Кривогаштани.
РЕГИОН 5: Ги опфаќа општините: Битола, Ресен, Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Пласница, Македонски Брод, Могила, Демир Хисар и Новаци.
РЕГИОН 6: Ги опфаќа општините: Јегуновце, Теарце, Тетово, Желино, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше, Дебар и Центар Жупа.