Ѝ се ближи крајот на АБА: Партизан и Звезда добија тригодишни лиценци за Евролигата!

Екипите на Црвена звезда и Партизан добија загарантирано место во Евролигата за следните три сезони, откако Бордот на Евролигата официјално ја потврди одлуката за доделување на лиценци на белградските ривали.

Оваа одлука автоматски значи огромен удар за регионалната АБА лига, која и официјално остана без проодност во најсилното европско натпреварување. Тоа значи дека екипите ќе нема за што да играат, освен за евентуална шанса за место во Еврокупот, додека српските гиганти ќе можат да играат без најдобрите кошаркари, кои би ги чувале за напорната евролигашка сезона во која ќе имаат најмалку 38 меча.

Партизан и Ц. Звезда ќе плаќаат милион евра по сезона, што значи дека вкупниот трошок за трите сезони ќе изнесува приближно 3 милиони евра. АБА лигата, пак, најави можно проширување од 16 на 20 екипи во две групи со четири „специјални покани“, со напомена дека еден од кандидатите за нејзино добивање е и нашиот МЗТ Скопје.