ТФТ имаше плус 20, падна во бездна, па чудесно дојде до четврти меч со МЗТ (ФОТО)

Кошаркарите на ТФТ на чудесен начин дојдоа до првата победа во плејоф-финалето со МЗТ Скопје (63-58) со што намалија на 1-2 во серијата што се игра до три победи.

Тоа беше неквалитетен меч со неверојатно драматична разврска, вистински ролеркостер на емоции во двата табори, а клучна на крајот се покажа серијата 10-0 на домаќинот во вториот дел од последната четвртина со која негативата од четири поени (52-56) беше претворена во позитива вредна историска финална победа. Мечот беше чуден со две дијаметрално различни полувремиња.

Првото мина во стравична доминација на домашниот тим, кој почна со серија 14-1 и до крајот на вториот период ја контролираше играта и резултатот. Популарната Тафта во еден момент имаше и предност со 20 поени (39-19), а на одмор заминаа со позитива изразена со еден поен помалку (42-23). МЗТ шутираше очајно и имаше 11 промашени тројки во овој дел од играта и мизерни 22-отсто шут од поле.

Но, во третиот период на теренот како да истрчаа други момци во сино-бели дресови, кои за само осум минути ја анулираа огромната негатива на противникот носени со стартната серија 15-2. На крајот од овој дел од играта беше 52-52, а последните десет минути беа навистина тешки за гледање – вистински очобол. ТФТ првите пет минути немаше дадено ниту еден поен, а гостите постигнаа само четири „гола“. Тогаш следеше клучната серија 10-0 на составот од скопско Тафталиџе со што го решија натпреварот, но и во тој период останаа без најдобриот Закари Браун, кој потешко се повреди при еден доскок.

Браун со 20 поени, осум скока и пет асистенции беше лидер во херојскиот триумф на ТФТ, додека Ташовски постигна 17, а Говенс 15 поени. Дион Едвин со 19 и Андреј Маслинко со 12 поени и со по девет скока беа најдобри кај МЗТ.

Четвртиот дуел од серијата се игра в понеделник (2 јуни) повторно во СРЦ „Кале“.