
Њујорк преживеа, ќе се бори за мајсторка против Индијана! (ВИДЕО)
Никси се најдоа во незавидна позиција пред натпреварот, со прва меч-топка за противникот, но на домашен терен во „Медисон Сквер Гарден“ покажаа карактер и извонредна игра, предводени од расположените Џејлен Брансон и Карл-Ентони Таунс.
Брансон блескаше уште од самиот старт. По раното водство од 6-0, Њујорк не дозволи Пејсерс да се вратат во игра, а Брансон првата четвртина ја заврши со импресивни 14 поени. До третата четвртина, разликата достигна и до максимални 22 поени во корист на домашните, што практично го реши прашањето на победникот.
Брансон натпреварот го заврши како најдобар стрелец со 32 поени, а Таунс додаде 24 поени и 13 скокови, комплетирајќи дабл-дабл учинок. Во редовите Индијана, најпрецизен беше Бенедикт Матурин со 23 поени.
Следниот натпревар се игра во Индијанаполис во ноќта помеѓу сабота и недела, каде Никс ќе се обидат да ја одбранат и втората меч-топка и да изборат мајсторка во Њујорк.
Ќе потсетиме, првиот финалист во големото НБА финале веќе е познат и тоа е Оклахома, која без поголеми проблеми ја елиминираше Минесота во финалето на Западот со убедливи 4-1.