Пеп се теши по бламажата на СКП: Видов многу добри работи во поразот!

Екипата на Манчестер Сити неочекувано беше елиминирана уште во осминафиналето на Светското клупско првенство (СКП), откако ноќеска загуби по продолженија од саудиски Ал Хилал (4-3), во едно од најголемите изненадувања на турнирот.

И покрај разочарувањето, тренерот на англискиот премиерлигаш, Пеп Гвардиола, одлучи да се фокусира на позитивните аспекти од натпреварот.

„Видов многу добри работи кои претходно не сум ги забележал, особено во односот меѓу играчите и стручниот штаб. Имавме убаво искуство тука, натпреварите беа добри, а нивото на игра високо“, изјави Гвардиола.

Тој нагласи дека натпреварите во оваа фаза се секогаш тешки, но и дека неговите избраници дале максимум.

„Му дозволивме на противникот премногу простор за транзиција, но и покрај тоа создадовме многу шанси. Жал ми е, но не можам доволно да им се заблагодарам на моите играчи за трудот и подготовката. Дадоа сè од себе“, додаде Гвардиола.

Ал Хилал со оваа победа обезбеди пласман во четвртфиналето, каде ќе се соочи со бразилскиот Флуминензе, кој претходно сензационално го елиминираше Интер.

ФОТО: EPA PHOTO