
Најуспешниот тренер во женската кошарка од денеска е во – пензија!
Оваа информација ја соопшти клубот со емотивна порака до јавноста со потврда дека симболот на женската кошарка во Македони по 36 години посветена работа заминува на одмор.
„Со голема почит и емоции соопштуваме дека тренерот Перо Стамески – човекот кој не само што ја испиша историјата на нашиот клуб, туку и ја обликуваше иднината на многу генерации кошаркарки – заминува во пензија,“ стои во соопштението на клубот.
Во својата блескава кариера, Стамески зад себе остави импресивно остварување - девет шампионски титули со сениорскиот тим, шест трофеи во националниот куп и бројни титули во младинските категории. Но, неговото наследство се мери и преку длабокото влијание што го имал врз многу кошаркарки и генерации кои поминале низ неговите раце. Клубот изрази искрена благодарност до Стамески за неговата пожртвуваност:
„Благодариме за секоја минута помината на паркетот, за секоја победа, секој совет, секоја подадена рака и секоја тешка одлука што не водеше кон успех“, велат „баделки“.
Иако симболично става крај на тренерската кариера, Перо Стамески останува незаменлив дел од историјата и идентитетот на ЖКК Бадел 1862.
„Ова не е збогум, туку до видување. Перо ќе останете дел од оваа кошаркарска фамилија засекогаш“, се додава во соопштението.
Стамески е поранешен кошаркар, кој кариерата ја почна во сега новиот прволигаш Маџари, а во кариерата работеше со повеќе национални селекции во разни возрасни категории.