Австралиски спринтер на спектакуларен начин урна рекорд на Усеин Болт (ВИДЕО)

Австралискиот спринтер, Гаут Гаут, испиша нова страница во атлетиката со неверојатниот резултат од 19,67 секунди на 200 метри на националното првенство во Сиднеј.

Со ова време, 18-годишниот спринтер трчаше побрзо од легендарниот Усеин Болт на иста возраст, надминувајќи го неговиот младински резултат од 19,93 секунди. Остварувањето има уште поголема тежина бидејќи станува збор за негов прв „чист“ резултат под 20 секунди – претходниот (19,84) не беше признат поради недозволен ветер.

Според најавите, резултатот од 19.67 треба да биде ратификуван како нов светски рекорд до 20 години, со што ќе го надмине официјалниот рекорд на Еријон Најтон (19,69).

„Голем товар ми падна од плеќите. Сега знам дека имам брзина и тело за вакви резултати“, изјави Гаут.

Трката во Сиднеј беше и најбрза во светот оваа година, а дополнително ја одбележа и резултатот на Ејдан Марфи, кој како второпласиран истрча 19,88.

Гаут е роден во Квинсленд од родители од Јужен Судан и веќе не е само талент – туку сериозен кандидат за идните големи титули. Следен предизвик за него ќе биде настапот на младинското светско првенство во Орегон, каде ќе се обиде да ја потврди сензационалната форма.

 

Фото: EPA