Барселона ја поднесе жалбата до УЕФА: Претрпевме спортска и економска штета!

Барселона поднесе втора официјална жалба до УЕФА поради судењето во четвртфиналето од Лига на шампиони, во кое беше елиминирана од Атлетико Мадрид. Каталонскиот гигант е бесен од серијата судиски одлуки во двата натпревари, кои завршија со вкупни 3-2 за тимот од Мадрид.

Ова е вторпат за нешто повеќе од една недела клубот да се обрати до европската куќа на фудбалот, изразувајќи длабоко незадоволство од судиите и ВАР системот. Жалбата ги опфаќа спорните ситуации од двата меча.

„Клубот смета дека во текот на двата натпревари беа донесени неколку судиски одлуки кои не се во согласност со правилата на игра, како резултат на погрешна примена на прописите и изостанок на соодветна интервенција на ВАР во клучни ситуации“, стои во соопштението.

Од Барселона додаваат дека овие грешки не биле само формални, туку суштински влијаеле врз текот на натпреварите и конечниот исход.

„Според мислењето на клубот, низа од овие грешки имаа директно влијание на крајниот резултат, со што на клубот му е нанесена значителна спортска и економска штета“, порачаа од Барселона.