„Кралевите“ ниско паднаа - немало да прават почесен шпалир за Барселона!
Постојат теоретски, но не многу реални шанси, Барселона пред тој меч да ја обезбеди шампионската титула што според традицијата во Шпанија, ги обврзува противниците пред секој следен натпревар до крајот на сезоната да направат шпалир и да ги поздрават прваците. Од Реал, уште сега, категорично ја отфрлаат можноста на таков начин да ѝ честитаат на Барселона на мечот кој ќе се игра на Камп Ноу.
Причината, како што велат во клубот, е „случајот Негреира“ што е само очајно алиби за клубот кој треба да има кралски манири. Тој случај со наводно купување судии во шпанското првенство, нема ни почеток бидејќи судовите во Шпанија не гледаат релевантни докази за старт на процес, ама многу добро му користи на Реал за покрвање на сите неуспеси последните години. Својот провинциски менталитет, Реал го покажа и по финалето од Суперкупот кога и покрај инсистирањето на тренерот Чаби Алонсо, фудбалерите не останаа да ги поздрави играчите на Барса за освоениот трофеј.
На мадридскиот клуб нема да му биде првпат да не ѝ укаже најголема чест на Барселона во ситуација кога „каталонците“ имаат обезбедено шампионска титула во Ла Лига. Такво нешто фудбалерите на Реал одбија да направат и во 2018 година кога се сретнаа на три кола пред крајот, а Барса веќе ја имаше обезбедено шампионската титула и имаше предност од 15 бода во однос на Реал. Изговорот на „кралевите“ беше дека не добиле шпалир од Барселона за освоениот Суперкуп на почетокот од таа сезона што беше уште посмешно алиби.
Последниот пат кога Реал имал обезбедена титула пред натпревар против Барселона датира од 2008 година. Тогаш двете екипи се сретнаа на „Бернабе“, а каталонскиот клуб го испочитува својот ривал и му направи шпалир, ама тогаш во Барселона играа господа како Пујол, Чави, Иниеста, Анри..., додека тренер беше уште една фудбалска легенда Франк Рајкард.
За да се случи годинава Барса да ја обезбеди титулата пред Ел Класико, потребно е пред тој меч да има најмалку 13 бода предност пред Реал. Во моментов е на +9, но има релативно тежок распоред во следниот период бидејќи ја пречекува Селта и потоа им гостува на Гетафе и Осасуна кои го победија Реал минатиот месец.