Нов блокбастер во НБА: Хјустон го трејдуваше Расел Вестбрук

Само една сезона траеше кариерата на Расел Вестбрук во тимот на Хјустон рокетс. Од денеска фантастичниот бек ќе го носи дресот на Вашингтон.

Визардс во Хјустон ја праќаат својата прва ѕвезда Џон Вол, а Рокетс добиваат и пик од драфтот во 2023 година од првата рунда. Вестбрук минатата година пристигна во Тексас за повторно да игра со својот пријател Џејмс Харден и да ја нападнат титулата, која им избега додека двајцата беа дел од Оклахома.

Хјустон беше елиминиран од Лејкерс во плејофот, па откако тренерот Мајк Д'Антони си замина, работите се распаднаа. Прашањето колку овој трејд е добар за Хјустон, бидејќи Џон Вол иако важи за еден од најдобрите кошаркари во НБА-лигата, тој нема играно кошарка речиси две години.

Имаше две тешки повреди кои го оддалечија од паркетот многу долго време. Ако Вол е фит и игра на нивото од пред три сезони, тогаш Рокетс добиваат одличен кошаркар. Но, доколку не може да биде оној стариот, тогаш веројатно овој трејд е голема грешка на раководството на Хјустон.