Минесота ги задржа Лејкерс на само 80 поени, најмалку во последните осум години (ВИДЕО)
Тимот од Калифорнија го доживеа петтиот пораз во последните седум натпревари откако ноќеска загуби на гостувањето кај Минесота со 80-109. Постигнатите 80 поени се најлош скор на Лејкерс во последните безмалку осум години, односно 22 јануари 2017 кога загуби од Далас со 73-122. Освен одличната одбрана на Минесота, причина за тоа е и катастрофалниот шут на Леброн кој не може да погоди од дистанца во последно време.
Тој го заврши натпреварот со само десет поени, но за тројка шутираше 0/4 со што стигна до вкупно 0/19 од далечина на последните четири меча. Полош ефект од тоа имал само од 26 декември 2003 до 13 јануари 2004 година, во неговата дебитантска сезона во НБА лигата. Вкупно од игра, против Минесота имаше ужасни 25% (4/16) во што му се придружи Ентони Дејвис кој погоди само 4/14.
Тоа не го намалува успехот на Минесота чија одбрана го натера противникот на дури 19 загубени топки. За момент, Вулфс потсетија на изданијата од плејофот од минатата сезона кога изгледаше невозможно да им се даде кош. Џулиус Рендл со 18 поени беше најефикасен кај Минесота, а се истакна и Гобер со 17 поени и 12 скока. Дианџело Расел беше единствена светла точка кај Лејкерс со 20 поени и солиден шут од игра (8/12).
РЕЗУЛТАТИ
Атланта - Њу Орлеанс 124-112
Бостон - Мајами 108-89
Чикаго - Бруклин 128-102
Минесота - ЛА Лејкерс 109-80