Хелиос поразен дома, МЗТ остана без втора фаза во АБА2!

Хелиос Домжале загуби од Цедевита со 78-80 во петтото коло од АБА2-лигата, а тоа му наштети и на македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје кој остана без втора фаза во регионалното натпреварување.

Кошаркарите на Хелиос веќе имаа обезбеден пласман во следната фаза, но и покрај тоа одиграа возбудлив натпревар против Цедевита и имаа предност до самата завршница (74-70), но потоа ривалот влезе во одличен ритам и го сврте мечот во своја корист (80-78).

Најдобар на теренот беше Махковиќ од Хелиос со 24 поени, четири скокови и две асистенции, додека Иди запиша 18 поени и четири скокови кај Цедевита.

Победата на Цедевита значи дека МЗТ Скопје ги загуби шансите за пласман во втора фаза на АБА2-лигата без разлика на вечерашниот резултат против Теодо Тиват.