Лејкерс во шок - Гиди ги уништи со тројка од центар со истекот на времето (ВИДЕО)

Чикаго Булс му нанесе уште еден болен пораз на Лос Анџелес Лејкерс, втор за помалку од една недела.

Откако минатата сабота го растури со 31 поен разлика, ноќеска пред своите навивачи го совлада со 119-117, но во финиш кој ќе остане запишан во историјата на НБА. Во последната четвртина, Лејкерс имаа 18 поени предност, на 12 секунди пред крајот беше 115-110 за гостинскиот тим, но сепак победата ја однесе Чикаго. Прво Вилијамс погоди тројка за -2, па Гиди украде топка и асистираше за Вајт за нова тројка и водство на домаќините од 116-115. И тука не беше крајот бидејќи останаа шест секунди кои засекогаш ќе бидат запишани во историјата на НБА.

Остин Ривс во следниот напад ги врати Лејкерс во водство, но му остави три секунди на Чикаго. Топката ја зеде Џош Гиди кој немаше друг избор, освен да шутира од далечина, го направи тоа од центар и погоди за невидена еуфорија во Јунајтед центарот. Репрезентативецот на Австралија очигледно ужива кога игра против Лејкерс бидејќи и на претходниот и на овој натпревар оствари трипл дабл, сега со 25 поени, 14 скока и 11 асистенции. Најефикасен беше Вајт со 26 поени од кои 18 во последната четвртина кога се одлучуваше победникот.

Кај Лејкерс, Остин Ривс постигна 30 поени, а Дончиќ заврши со 25 поени, 10 скока и 8 асистенции. Леброн беше еден од трагичарите бидејќи, освен што имаше лош шут од игра (8/20), му ја подари клучната топка на Гиди по што Вајт постигна тројка за 116-115. На девет натпревари пред крајот на сезоната, Лејкерс се на петтата позиција на Западот, а Чикаго речиси го обезбедија пласманот вво плејинот бидејќи предност во однос на Торонто изнесува седум победи.

РЕЗУЛТАТИ
Кливленд - Сан Антонио 124-116
Орландо - Далас 92-101
Вашингтон - Индијана 109-162
Мајами - Атланта 122-112
Чикаго - ЛА Лејкерс 119-117
Оклахома - Мемфис 125-104
Јута - Хјустон 1101-121
Сакраменто - Портланд 128-107