Јокиќ и повреден блескаше, ама Денвер загуби - историска партија за Вембањама (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер нагетс загубија во ноќешниот дуел против Минесота тимбервулфс (111-98) што беше директна пресметка за врвот од табелата во Западната конференција во пресрет на плејофот во НБА.

На актуелниот шампион не му помогна ниту блескавата партија на Никола Јокиќ, кој иако настапи повреден (зглобот на раката) успеа да дојде до 32 поени, на кои додаде 10 скока и пет асистенции. За „нагетси“ ова е втор натпревар по ред во кој не успеваат да ја минат границата од 100 поени, што во последниве години е голема реткост во НБА, како и втор пораз на домашен терен. Денвер сега е на третата позиција на Западот со скор 51-23, додека на врвот се Оклахома сити тандерс, кој ноќеска го доби дербито со Феникс санс (128-103) и Минесота со учиноци од 51-22.

Првиот избор, пак, на последнциот драфт, Виктор Вембањама, одигра фантастичен меч во победата на Сан Антонио спарс против Њујорк (130-126) и покажа зошто многумина го сметаат за идна најголема ѕвезда во НБА-лигата. Французинот во триумфот по продолжение имаше учинок од 40 поени, 20 скока и седум асистенции. Со тоа, тој стана првиот дебитант уште од 1993 година и Шекил О’Нил, кој на еден дуел имал најмалку 40 поени и 20 скока (46 поени и 21 скок на О’Нил против Детроит). На „никси“ не им помогна ниту одличната партија за Џејлен Бронсон, кој за 46 минути поминати на паркетот постигна 61 поен.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Голден стејт 97-115, Индијана – ЛА Лејкерс 109-90, Орландо – ЛА Клиперс 97-100, Вашингтон – Детроит 87-96, Бруклин – Чикаго 125-108, Кливленд – Филаделфија 117-114, Мајами – Портланд 142-82, Оклахома сити – Феникс 128-103, Сан Антонио – Њујорк 130-126 (п), Денвер – Минесота 98-111, Јута – Хјустон 100-101, Сакраменто – Далас 103-107.