Халибартон се јави од болница: Страшно боли – ова с*ање е ужасно (ФОТО)

Тајрис Халибартон го заврши финалето на НБА-лигата во солзи и на носилка, откако ја доживеа една од најтешките спортски повреди, кинење на Ахиловата тетива, што се случи во решавачкиот седми меч во серијата против Оклахома, во кој неговата Индијана загуби, а шампионската титула ја освоија Шеј Гилџес-Александер и неговите соиграчи.

И покрај тоа што настапуваше со претходна полесна повреда, Халибартон реши да игра во финалето, свесно ризикувајќи. Тоа на крајот резултираше со потешка повреда, поради која мораше итно да биде опериран. Засега е неизвесно дали воопшто ќе се врати на паркетот во текот на следната сезона. Ѕвездата на Индијана се огласи од болничкиот кревет, веднаш по операцијата.

„Во шок сум. Цел живот работев за овој момент, и вака да заврши? Болката е огромна. Можеби е клише, но вистина е дека сега само сакам да ја искажам оваа болка. Ова с*ање е ужасно. Ќе се борам и знам дека еден ден ќе бидам горд на тоа. Верувам дека ќе се вратам како подобар човек и подобар играч“, напиша меѓу другото Халибартон.

И покрај сè, тој изјави дека не жали што играл во финалето, иако е разочаран што Индијана не ја освои својата прва НБА титула, која ја посакуваа милиони навивачи. Халибартон беше еден од најдобрите играчи во плејофот – погодуваше клучни шутеви и ја предводеше екипата. Но во решавачкиот момент, неговото отсуство беше пресудно. Оклахома ја искористи својата подолга клупа и дојде до трофејот.

ФОТО: X / @Pacers