Официјално: Пелистер и следната година ќе игра во ЛШ – на ова се радуваат и во Вардар!

Екипата на Пелистер и следната сезона ќе биде дел од Лигата на шампионите, откако челниците на Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска потврдија дека македонскиот шампион е еден од добитниците на „специјалните покани“ за настап во најсилното клупско европско натпреварување.

Покрај зелено-белите од Битола, ваква можност добија уште и ГОГ (Данска), Нант (Франција), Пик Сегед (Унгарија), Колштад (Норвешка) и Кјелце (Полска), кои ќе им се приклучат на сигурните според пласман и рејтинг – Загреб, Алборг, Барселона, ПСЖ, Фуксе Берлин, Магдебург, Веспрем, Висла Плок, Спортинг и Динамо Букурешт. „Вајлд-карта“ не добија Порто, Шафхаузен и Слован, кои нема да играат во Лигата на шампионите, но ќе имаат право на настап во Европската лига или Европскиот Куп. Ждрепката за групната фаза во ЛШ ќе се одржи в петок во Виена, каде што 16 екипи ќе бидат поделени во две групи по осум тимови.

Веста дека Пелистер ќе игра во ЛШ носи радост и во таборот на вечниот ривал Вардар, кој сега како вицешампион може да се надева на место директно во групите во Европската лига, каде што ќе се најдеа битолчани ако не добија вајлд-карта. Повеќе за ова ќе биде познато во текот на оваа недела.