Џејмс во Мајами е како дома: Постигна 51 поен во победата на Лејкерс (ВИДЕО)

Леброн Џејмс утринава го растури својот поранешен тим Мајами, откако постигна дури 51 поен во победата на Лос Анџелес лејкерс од 113-97 на гостински паркет. 

Суперстарот го одигра најдобриот натпревар во дресот на Лејкерс и речиси сам го совлада тимот со кој освои две шампионски титули во минатото. За Џејмс ова беше 13-ти пат во кариерата да постигне преку 50 поени на еден натпревар. Кентавиус Калдвел Поуп го следеше со 19 поени, Кајл Кузма постигна 15, додека Брендон Инграм реализираше 13. Вејн Елингтон со 19 поени беше најефикасен кај Мајами.

Шампионот Голден Стејт го доживеа третиот пораз во низа и тоа на гостувањето кај Сан Антонио со 104-92. Центарот Ламаркус Олдриџ беше најефикасен кај Спарс со 24 поени и 18 скокови, додек Демар Дероза постигна 20 поени. Кај Вориорс, кои беа без повредениот Стеф Кари и без суспендираниот Дрејмонд Грин, најефикасен беше Кевин Дурент со 26 поени, додека еден помалку постигна Клеј Томсон.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Минесота - Мемфис 87-100
Орландо - Њујорк 131-117
Вашингтон - Портланд 109-119