Шариќ одбил милион евра од Реал Мадрид за пак да игра во – АБА лигата!

Еден од најдобрите хрватски кошаркари, Дарио Шариќ, летово дефинитивно ќе ја напушти НБА лигата и тимот на Денвер, а кариерата ќе ја продолжи во Европа, но не во Реал Мадрик како што првично се шпекулираше.

Шпанските медиуми откриваат дека неговата следна дестинација ќе биде тимот на Дубаи. Според нив, „кралевите“ му понудиле договор вреден милион евра по сезона, но таа понуда не била доволно атрактивна за Шариќ. Наместо тоа, кошаркарот им соопштил на мадридските челници дека веќе има преддоговор со тимот од Обединетите Арапски Емирати.

 

 

Ова би значело дека Шариќ по 11 години повторно ќе настапува во АБА лигата, откако во 2014 година ја напушти Цибона. Оттогаш играше за Анадолу Ефес до 2016 година, а потоа се пресели во НБА, каде што го носеше дресот на Филаделфија, Минесота, Феникс, Оклахома, Голден Стејт и во моментов Денвер.

Неговото доаѓање во Дубаи би можело да значи дека клубот има амбиции да настапи во Евролигата следната сезона. Се смета дека искусниот кошаркар не би се преселил на Блискиот Исток само за да игра во АБА лигата и Еврокупот.