Пелистер бара рамноправно судење: Критериумите сега се тендециозни!

Македонскиот прволигаш Пелистер во 25. коло од Првата лига загуби со 1-3 од Вардар во Битола, по што екипата испрати соопштение преку кое бара рамноправно судење.

Битолчани не беа задоволни од судењето на мечот против вечниот ривал, а посебно ги налути првиот гол на Вардар од пенал, кој предизвика многу контроверзи.

„Пелистер чувствува потреба да се обрати до јавноста по последните несреќни и неадекватни арбитражи на нашите натпревари. Со целосен респект и поддршка за судискиот систем и разбирање дека задачата на судиите без ВАР-системот не е едноставна, апелираме нашиот клуб, кој е култен, традиционален, најгледан сезонава во Првата лига, да биде соодветно третиран.

На последните два натпревари против Шкупи и Вардар свeдoци сме на целосно извртен и тендециозен критериум, што е многу полош симптом од една индивидуална грешка, која секому може да му се случи. Но, кога критериумот не е изедначен и кога една грешка се надоврзува на друга, апелираме да биде преиспитан перформансот на одредени судии.

На споменатите натпревари грешките директно влијаат на резултатот, а со тоа и на изгледот на табелата. Со мирен и професионален тон нагласуваме да се изедначат критериумите, да се постават најдобрите судии за најдобрите натпревари и да се остават во мир да ги носат клучните одлуки. Во овој период на сезоната сведоци сме дека тоа и не е баш така“, соопшти Пелистер.

По 25 одиграни кола, Пелистер се наоѓа на седмата позиција со 29 бодови во Првата лига.