Алкалоид против Баја Маре за прво европско полуфинале во историјата

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Алкалоид денеска може да оствари уште едно големо достигнување во својата кратка историја.

Тимот од Автокоманда од 19 часот го пречекува романскиот Баја Маре во реванш натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Европскиот куп. Првиот меч, одигран минатиот викенд во Романија заврши нерешени (31-31), па на Алкалоид денеска му е потребна каква било победа, па дури и нерешен резултат со помалку од 31 примен гол за да влезе меѓу четирите најдобри во европското натпреварување.

Ремито во Баја Маре беше прв натпревар оваа сезона во ЕХФ Европскиот куп на кој Алкалоид не успеа да победи откако претходно имаше максимален ефект. Во оваа фаза противниците се нешто посилни, но македонскиот претставник има свои адути за да излезе на крај и да оствари нов историски успех.

„Баја Маре е искусен тим, составен од репрезентативци и десетина странски играчи. Првиот дуел беше исполнет со груба игра, во која домаќините имаа само две исклучувања, а секој старт им беше исклучително валкан. Се надевам дека овојпат судиите ќе ги санкционираат нивните грубости. Ќе биде тежок натпревар, но верувам дека со додатен напор и поддршка од симпатизерите можеме да избориме полуфинале“, рече тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров во најавата за денешниот натпревар.

Алкалоид ќе настапи без браќата Марко и Дамјан Митев, кои се повредени и отсуствуваат од бековските позиции.

Средбата ќе ја судат норвешките арбитри Мадс Далби Фремштад и Јорген Јорштад, додека делегат е Бранка Мариќ од Србија. Победникот од оваа пресметка ќе се соочи во полуфиналето со Олимпијакос од Грција или Рунар од Норвешка.