
Голманот на Лас Палмас итно опериран по судир со фудбалер за време на игра (ВИДЕО)
Холандскиот чувар на мрежата го напушти теренот во средината на првото полувреме откако доби силен удар во стомакот при судир со Борха Иглесијас, напаѓачот на гостинската екипа. Силесен со силни болки беше изнесен од теренот, а снимките покажаа како медицинските екипи го внесуваат на носилки во возилото на итната помош, додека веќе му била дадена инфузија.
Набргу потоа, пристигнаа информации дека голманот започнал да повраќа веднаш по напуштањето на теренот, што предизвика загриженост за можни внатрешни повреди. Како резултат на тоа, итно бил подложен на операција во Виго. Клупскиот лекар на Лас Палмас, Диосдадо Болањос, изјави дека состојбата на Силесен по операцијата е стабилна, но не ја исклучи можноста за дополнителен хируршки зафат.
„Има повреда на абдоменот, со зафатен дел од цревата. Засега, сѐ оди во позитивна насока“, изјави Болањос.
Силесен, кој претходно настапуваше за Ајакс, Барселона и Валенсија, исто така е и долгогодишен репрезентативец на Холандија.