Кабокло си оди од Партизан затоа што клубот доцнел со платите

Бразилскиот репрезентативец Бруно Кабокло нема да игра во Партизан идната сезона и покрај тоа што имаше договор со клубот.

Тој ќе биде раскинат затоа што Партизан му доцнел две плати и покрај предупредувањето од неговиот менаџер.

„Бруно го напушти Партизан за да ѝ се приклучи на бразилската репрезентација. Мораше да направи тестови пред почетокот на подготовките, имаше клаузула во договорот според која клубот беше обврзан да му го дозволи тоа. Освен тоа, Партизан должеше две плати. Во договорот има рок од 30 дена, колку што може клубот да доцни со исплатите, но и дека ние мораме во рок од седум дена од доцнењето, да испратиме меил со барање да се плати. Тоа го направивме, а не не добивме одговор, ниту парите се уплатени и затоа побаравме барање за раскин на договорот. Веќе донесовме одлука, Бруно нема да игра за Партизан“, изјави менаџерот Даниел Хазан.

Кабокло на проблематичен начин и дојде во Партизан минатата година откако не го испочитува договорот со Венеција и не се појави на подготовките на тимот. На почетокот од својот престој во белградскиот клуб одигра неколку добри натпревари, но потоа се вклопи во сивилото и беше далеку од нивото кое е потребно за да игра во Евролигата.