Македонската репрезентација за ракометарки до 20 години како 16-то пласирана го заврши настапот на СП 2024 во Скопје, откако денеска загуби од Кина (22-25) во последниот меч на шампионатот.

Ова беше втор пораз за жолто-црвените во борбата за пласман помеѓу 13. и 16. место на Мундијалот, а вкупно четврти неуспех на првенството на кое остварија уште две победи и едно реми. Македонија добро го започна натпреварот според планот, поведе со 6-3 на стартот, но ривалот потоа фати приклучок и цело време дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ беше во егал. Наизменично двете селекции го менуваа водството до полувремето, а на пауза Македонија замина со минимална предност (11-12).

Во вториот дел, пак Македонија тргна добро и беше во плус од два гола (15-13), но Кина повторно фати ритам и со серија 5-1 дојде до водство (18-16), кое потоа го задржа до крајот за трета мундијалска победа и 15. место на СП.