Очајните Англичани среќно ја елиминираа Словачка за четврт-финале на ЕП (ВИДЕО)

Фудбалерите на Англија се пласираа меѓу осумте најдобри селекции на ЕП 2024, откако попладнево во Геленкирхен, ептен среќно и тоа по голема борба и продолженија, ја совладаа Словачка (2-1).

Словаците беа на само една-две минути до сензација и најголема победа во историјата со оглед што водеа се до 95. минута од средбата со голот на Шранц уште во 25. минута од средбата. Но, во можби последниот напад, Џуд Белингем со магични ножички го изедначи резултатот, откако Кајл Вокер од аут нафрли подобро него многумина што го прават тоа од корнер. Натпреварот замина во продолжение, во кое уште во првата минута „Гордиот Албион“ ја искористи збунетоста кај противникот и преку Хари Кејн дојде до водство кое го сочуваа до крајот.

Англија за место во полуфиналето ќе ги одмери силите со Швајцарија, која вчера сензационално ја елиминира Италија, која ја бранеше круната на ЕП. Вечерва се игра четвртото осминафинале и тоа помеѓу Шпанија и Грузија (21 часот).