УЕФА немилосрдна кон Балканците – ги казни со 650.000 евра за гревовите на ЕП!

Предводниците на Европската фудбалска федерација (УЕФА) тренираа строгост за време на ЕП 2024 во Германија, откако само за средбите од групната фаза ги казнија селекциите учеснички со вкупно 1,3 милиони евра.

Најмногу на удар беа репрезентациите од Балканскиот полуостров, на кои отпаднаа дури половина од овие санкции, а сите поради однесувањето на нивните навивачи. Најголем удар по касата доби Хрватска, која поради гревовите на своите фанови ќе мора да плати 221.000 евра, а веднаш зад неа се Србија и Албанија, кои се казнети со 171.000 односно 166.500 евра. На четврто место е Турција, која поради испадите на навивачите е санкционирана со 95.000 евра.

Само три од вкупно 24 репрезентации кои настапуваат на ЕП не добија казна од УЕФА по средбите од групната фаза и тоа Франција, Шпанија и Словачка. Единствени што се казнети за нешто друго освен за проблемите со навивачите се Германците, кои мора да платат 23.000 евра поради пропустите во организацијата како домаќини.