Совршена организација на СП за младинки – уште еднаш се виде дека сме ракометна нација!

Со триумф на ракометарките на Франција, кои во финалето ја совладаа Унгарија (29-26) и официјално заврши Светското првенство (СП) за младинки, кое од 19 јуни до денеска се одржуваше во салите „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ во Скопје.

Учествуваат 32 селекции и беа одиграни 116 натпревари, по кои првиот човек на светскиот ракомет, Хасан Мустафа, имаше само пофални зборови за организацијата од страна на РФМ.

„Одлично поставените капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страстна ракометна нација, но и за способност да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух, се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нé обединува сите нас“, истакна Мустафа.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, пак, упати посебна благодарност до Светската ракометна федерација, за довербата која оваа институција ја довери на Федерацијата за менаџирање на спортски настани од највисок организациски ранг.

„Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, бројните спортски работници, тимот во Федерацијата, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи - сите кои веруваа дека можеме да се износиме со уште еден ваков голем проект. Се надевам дека оваа заемна доверба, соработка и силното спортско партнерство, ќе продолжат да се надградуваат и во иднина”, истакна Мукаетов.

Светско младинско првенство во женска конкуренција беше 10. јубилеен настан од висок ранг во организација на ова раководство на РФМ, со организирани 6 европски и 4 светски првенства, од кои 9 во младинска и 1 во сениорска конкуренција.