Идеалната европска петорка на Пау Гасол: Кукоч, Дражен, Сабонис... (ВИДЕО)

Иако има уште повеќе од еден месец до почетокот на Евробаскетот (1-18 септември), на официјалната страница на ФИБА го најавуваат се поинтензивно. Дел од таа кампања е интервјуто со шпанската легенда Пау Гасол.

Тројниот освојувач на Евробаскетот (2009, 2011, 2015) зборува за неговата идеална петорка составена од европски кошаркари. Тој самиот не е во неа, а многумина пријатно ќе се изненадат дека не пропушти да го стави и трагично загинатиот Дражен Петровиќ.

„Мислам дека морам да го одберам Дражен Петровќ. За жал, не уживавме во неговата игра во целост, поради прераната смрт и трагичната несреќа. Дражен беше посебен, исто како што е Лука Дончиќ, но Лука е уште млад, кога се вели на сите времиња, повеќе мислите на кошаркари кои играат долго време“, објасни Гасол, осврнувајќи се на кошаркарот кој беше МВП на Евробаскетот во 1989, кога Југославија беше шампион.

Во неговата идеална петорка има уште еден од Екс-ју, тоа е членот на ѕвездените Булси, Тони Кукоч, а тимот го дополнуваат Никос Галис, Дирк Новицки и Арвидас Сабонис.