Црно-бела трагедија: Партизан прокоцка плус 14, плејинот сега е само - сон!

Екипата на Партизан направи голем чекор назад во борбата за пласман во доигрувањето од Евролигата откако вечерва на чудесен начин загуби од Олимпијакос на домашен терен со 69-74.

Неверојатно звучи податокот дека „црно-белите“ водеа со 14 поени разлика во третата четвртина (52-38), а во последната влегоа со +13 (59-46). Олимпијакос го отвори последниот период со 12-0 и се доближи на само -1, а нешто подоцна го комплетира пресвртот. Во клучните моменти, на играчите на Партизан им се „пресекоа“ рацете, не можеа ништо да погодат и доживеаја пораз на мечот кој мораа да го добијат.

Минатата и на почетокот од оваа сезона, последните четвртини обично му припаѓаа на Партизан и тогаш го правеше пресвртот во своја корист, а вечерва, последните десет минути ги доби Олимпијакос со 28-10.

Грчкиот шампион и идната недела ќе гостува во Белград, но кај Црвена Звезда и со победа на тој меч може да го завери пласманот во плејофот. Партизан и натаму не е без шанси за плејин бидејќи заостанува само една победа зад десеттопласираниот Анадолу Ефес, но сега повеќе ништо не зависи од него, дури и да го победи Алба и Валенсија во последните две кола.

РЕЗУЛТАТИ
Жалгирис - Олимпија Милано 87-73
Басконија - Анадолу Ефес 76-97
Баерн - Барселона 79-87
Партизан - Олимпијакос 69-74
Асвел - Монако 77-87