Модриќ се израмни со Роберто Карлос, уште само двајца странци се пред него!

Реал Мадрид синоќа со победа од 1-0 се врати од Сан Себастијан, а Лука Модриќ против Реал Сосиедад беше стартер и одигра до 84. минута.

Тоа за Модриќ беше 527. натпревар во дресот на Реал Мадрид со што се израмни со Роберто Карлос по бројот на настапи на странски фудбалери во кралскиот клуб и се искачи на третото место.

Пред него на второто место е Марсело со 546 настапи и недостижниот Карим Бензема кој со 648 натпревари е странецот кој одиграл најмногу за Реал Мадрид.

Доколку Модриќ го продолжи договорот со Реал Мадрид и за наредната сезона, може да го стигне Марсело, но не и Бензема.

По вчерашниот меч Анчелоти го испофали Модриќ.

„Во последните натпревари Модриќ покажа оптимална физичка подготовка. Во второто полувреме беше многу добар со топката, по добриот притисок на Сосиедад во првиот дел. Неговата состојба е спектакуларна и јасно е дека може да игра во вторник во Минхен“, рече Анчелоти.