Експертите на ФФМ тврдат: Вардар со нерегуларен гол ја совладал Македонија ЃП!

Членовите на Судиската комисија на ФФМ одвоиле пет спорни ситуации од неодамнешното 31. коло од Првата лига, на кои делителите на правдата само еднаш донеле погрешна одлука со што директно влијаеле врз резултатот.

Станува збор за средбата помеѓу Вардар и Македонија ЃП, која црвено-црните ја добија со гол во третата минута од судиското надополнување на крајот, а кој според експертите требало да биде поништен поради прекршок.

„Погрешна проценка на главниот судија за недосуден слободен удар над голманот на гостинската екипа и признаен гол за домашната екипа, при резултат 0-0. На одбиена топка во голманскиот простор од 5,5 метри во 16-сетникот на гостинската екипа, голманот сакаше да игра со раце со топката, но противнички играч на недозволен и неспортски начин (со рака направи прекршок на раката на голманот) го спречи голманот да интервенира, а друг играч на екипата на домакините со глава постигна гол. Погрешна одлука на главниот судија што го призна голот, требаше да се досуди слободен удар над голманот на гостинската екипа поради недозволен старт (прекршок со рака над раката на голманот) на играч на домакините, спречувајки го голманот да игра со топката“, се вели во анализата.

На оваа средба имало уште една сомнителна ситуација, но таа била правилно проценета и досудена, а од останатите издвоени ситуации за анализа две биле на средбата помеѓу Работнички и Тиквеш, а една на дуелот помеѓу Воска и Силекс. Целосната судиска анализа може да ја прочитате ТУКА.