Со победа над директниот ривал: Куманово направи огромен исчекор кон плејофот!

Кошаркарите на Куманово направија огромен исчекор кон пласман во плејофот, откако вечерва, на домашен терен, го совладаа директниот конкурент за четвртото место на табелата, тимот на Гостивар (77-71), во последниот меч од 5. коло од Суперлигата.

Домаќинот уште од самиот старт го наметна својот стил на игра и го диктираше темпото, што резултира со плус девет уште во првата четвртина (21-12), предност која во вториот период беше зголемена и на 14 поени разлика (39-25). Тоа, сепак, не ги деморализира гостиварци, кои полека, но сигурно ја намалуваа негативата и дојдоа на само минус два (50-52) на крајот од третиот квартал. Кумановци потоа дојдоа и до 69-59, но како да застанаа што избраниците на тренерот Марјан Србиновски максимално го искористија и со девет поени во низа дојдоа на само минус еден поен (68-68) на една минута до крајот. Но, следуваше кош со фаул и прецизно слободно на Никола Караколев за крај на сите дилеми на овој меч.

Куманово сега има две победи повеќе од Гостивар (17-15) што ги става во пол-позиција за обезбедување на последното место кое води во доигрувањето и кое во полуфиналето од плејофот ќе им донесе пресметка со лидерот Работнички.

Бобан Стајиќ со 17 и Мирко Ковач со 16 поени беа најефикасни кај сино-белите од најсеверниот македонски град, додека Александар Штерјов и Бранислав Ѓекиќ реализираа по 11 поени. Диме Тасовски беше убедливо најдобар кај Гостивар со 22 поени и девет скока.

Синоќа, во склоп на истата рунда, МЗТ Скопје како гостин го совлада АВ Охрид, а вечерва Работнички го доби дербито со Блокотехна одиграно во Гевгелија.

ТАБЕЛА: Работнички 26-1, Блокотехна 20-7, МЗТ Скопје 20-7, Куманово 17-10, Гостивар 15-12, АВ Охрид 11-16.