Навивачи на Шкупи тепале кошаркар на Пелистер, настрадале и полицајци!

Синоќешниот натпревар помеѓу Шкупи и Пелистер од кошаркарската Прва лига, кој заврши со победа на гостинскиот тим, имало и трето полувреме, откако дошло до инцидент во кој учествувале навивачи на домашниот состав и играчи и функционери на гостите од Битола.

Според Министерството за внатрешни работи (МВР), по завршувањето на мечот била упатена петарда кон клупата на пелистерци, кои вратиле со фрлање полно шуше со вода кон трибините. Потоа, дел од фановите на Шкупи влегле на теренот и физички ги нападнале битолчани, меѓу кои има и повредени, а и двајца полицајци настрадале во пресметката.

„На 13.01.2018 година во 19,20 часот, во Скопје, во спортската сала „Шабан Трстена“ во која се одржувал кошаркарски натпревар меѓу кошаркарскиот клуб „Шкупи“ и кошаркарскиот клуб „Пелистер“, по завршување на натпреварот, од трибините каде што биле навивачите на домашниот клуб, била фрлена петарда кон клупата каде што седеле играчите на кошаркарскиот клуб „Пелистер“.

Тие кои потоа возвратиле со фрлање пластично шише полно со вода кон навивачите на кошаркарскиот клуб „Шкупи“. Потоа навивачите на кошаркарскиот клуб „Шкупи“ ја прескокнале оградата од трибината и нападнале неколку играчи од КК „Пелистер“.

Со повреди се здобиле техничкиот раководител на клубот и еден од играчите.

При интервенцијата за спречување на насилството, повредени се двајца униформирани полициски службеници.

Веднаш бил известен Јавен обвинител. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот“, се вели во извештајот на МВР.

Останува да се види каква ќе биде реакцијата на МКФ односно на комесарот за натпреварување, со оглед што станува за исклучително сериозен инцидент во кој бил загрозен животот на кошаркарите.