Леброн остана во чудо: Дончиќ на Бадник погоди луда тројка за победа на Лејкерс (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс со голем пресврт славеа на гостувањето кај Њу Орлеанс Пеликанс (111-103) и продолжија да чекорат кон самиот врв на Западната конференција во НБА лигата.

Херој на победата беше Лука Дончиќ, кој одигра една од своите најзрели партии сезонава. Иако „езерџиите“ беа во негатива речиси цело време од втората половина на втората четвртина, решавачкиот удар го зададоа во последниот период, кој го добија со убедливи 32-17. Токму Словенецот беше творецна пресвртот. На неколку минути до крајот, словенечкиот ас практично го реши прашањето за победникот со спектакуларна тројка од исклучително тешка позиција за водство од 105-96, по што домашниот тим немаше одговор. Шутот, изведен во пад и под притисок, дури и го остави Леброн Џејмс во неверување.

Дончиќ, кој синоќа го прославуваше православниот Бадник во чест на својот татко кој е Србин, мечот го заврши со 30 поени и 10 асистенции, додека Џејмс додаде исто толку поени, осум скока и осум асистенции. Кај Пеликанс се истакна Треј Марфи со 42 поени. Со овој триумф Лејкерс ги престигнаа Денвер Нагетс и се искачија на третото место на Западот со скор 23-11, додека Денвер падна на петтата позиција. Њу Орлеанс останува на дното на конференцијата со биланс 8-30.

Во останатите ноќешни дуели имаше неколку големи изненадувања, а се издвојуваат победата на Вашингтон над Орландо со 120-112, како и драматичниот триумф на Мемфис над Сан Антонио со 106-105. Очекувани победи остварија Кливленд над Индијана (120-116), како и Минесота над Мајами (122-94), додека Далас славеше во Сакраменто (100-98).

ФОТО: EPA PHOTO