Јунајтед се враќа на трансфер пазарот – нуди 90 милиони за фудбалер чија вредност е двојно помала

Манчестер Јунајтед наводно доставил формална понуда од 90 милиони евра за крилниот напаѓач на Лајпциг, Јан Диоманде, во обид да го засили својот тим за време на јануарскиот преоден рок, објавија британските медиуми.

Овој потег доаѓа откако градскиот ривал Манчестер Сити успеа да го договори Антоан Семењо од Борнмут. Клубот од Олд Трафорд минува низ уште една турбулентна сезона. И покрај тоа што потроши повеќе од 230 милиони евра за играчи минатото лето за да го поддржи тогашниот менаџер Рубен Аморим, Португалецот беше отпуштен минатиот понеделник. Тимот продолжи да се мачи, победувајќи на само осум од 20 лигашки натпревари.

Фабрицио Романо најави минатата недела дека Диоманде е на радарот на Манчестер Јунајтед, но нагласи дека Лајпциг не сака да го пушти на средина од сезоната. Тој додаде дека Јунајтед не е единствениот клуб заинтересиран, бидејќи ПСЖ исто така сака да го доведе во своите редови, а во игра е и Ливерпул.

Фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска постигна седум гола и имаше четири асистенции во 16 настапи за својот тим оваа сезона. Тој има договор до летото 2030 година и од Трансфермаркт е проценет на 45  милиони евра, двојно помалку од она што го нуди Јунајтед.

фото: EPA photo