Тенискиот свет е сериозно загрижен: Што ли се случува со Новак Ѓоковиќ?

Најновите потези на Новак Ѓоковиќ (38) предизвикаа загриженост кај голем дел од тениската јавност во пресрет на Австралија опен, кој започнува на 18 јануари во Мелбурн.

Српскиот тениски ас во краток временски период се повлече од подготвителниот турнир во Аделаида, а потоа и од Здружението на професионални тенисери (ПТПА), организација чиј беше коосновач. Таквата комбинација на одлуки, според германскиот „Билд“, не е вообичаена непосредно пред еден гренслем-турнир. Германскиот весник му посвети посебен текст со наслов „Загриженост околу Ѓоковиќ – што ли се случува со него?“, потенцирајќи дека вакви чекори отвораат бројни прашања за неговата моментална состојба.

Ѓоковиќ реши да го прескокне единствениот подготвителен турнир пред настапот во Мелбурн, наведувајќи дека не е доволно физички подготвен. Веста ја потврди преку социјалните мрежи, истакнувајќи дека одлуката не му била лесна.

„За жал, физички не сум подготвен да играм во Аделаида следната недела. Разочаран сум, бидејќи имам прекрасни спомени од освојувањето на титулата тука пред две години. Особено се радував на враќањето, бидејќи се чувствувам како да играм дома“, порача Ѓоковиќ.

Тој додаде дека целиот фокус сега го насочува кон Австралија Опен – турнир кој го има освоено рекордни десет пати и на кој брка историска 25. гренслем-титула. Германските медиуми потсетуваат дека ова не е првпат Ѓоковиќ да има физички проблеми на стартот од сезоната. Во јануари минатата година беше принуден да го предаде полуфиналето на Австралија Опен против Александер Зверев по само еден сет, поради повреда. Иако во продолжението од минатата сезона не успеа да избори ниту едно гренслем-финале, Ноле и натаму се наоѓа на четвртото место на АТП-листата, што сведочи за континуитетот на неговото врвно ниво.

Иако Ѓоковиќ се обидува да ја смири јавноста со пораки дека е целосно фокусиран на Австралија Опен, комбинацијата од повлекување од турнир и напуштање на ПТПА остава простор за многу дилеми. Дали станува збор за привремен физички проблем, ментален „ресет“ или најава за нова фаза во неговата кариера, одговорот ќе го даде токму теренот во Мелбурн. Едно е сигурно – секој негов чекор и оваа година ќе биде под лупа, бидејќи влогот е огромен, а историјата – на дофат.