Меси го даде најинтимното интервју во кариерата – откри дека е ептен чуден!

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, во неодамнешно интервју откри поинтимна страна од својот карактер и зборуваше за плановите по завршувањето на играчката кариера, истакнувајќи дека не се гледа како тренер, туку како сопственик на фудбалски клуб.

Гостувајќи на аргентинскиот стриминг-канал Лузу ТВ, капитенот на Аргентина отворено зборуваше за тоа каков е надвор од теренот, признавајќи дека сака осаменост и мир.

„Чуден сум. Навистина сакам да бидам сам и уживам во осаменоста. Нередот дома, со три деца кои трчаат насекаде, знае да ме измори и тогаш ми треба момент само за себе“, искрено призна Меси.

Ѕвездата на Интер Мајами додаде дека тешко се справува со ненадејни промени во дневната рутина.

„Многу сум структуриран. Ако денот ми е однапред организиран, а нешто одеднаш го промени планот…“, објасни тој, без да ја доврши мислата.

На прашањето што точно го прави „чуден“, Меси ја префрли топката кај сопругата Антонела.

„Антонела може да каже многу повеќе од мене. Моето расположение зависи од многу ситници“, истакна аргентинскиот ас.

Меси откри и дека омилено пијалок му е црвеното вино, кое понекогаш го меша со газиран сок.

„Го сакам црвеното вино. Често го мешам со Спрајт. Зошто? Така побрзо делува“, рече со насмевка.

Покрај личните детали, Меси зборуваше и за иднината по завршувањето на кариерата. Јасно порача дека тренерската улога не го привлекува.

„Не се гледам како тренер. Ми се допаѓа идејата да бидам менаџер, но уште повеќе – сопственик. Би сакал да имам свој клуб, да почнам од нула и да го развивам, да им давам шанса на деца да напредуваат и да постигнат нешто значајно“, истакна Меси.

Иако неодамна го продолжи договорот со Интер Мајами до крајот на МЛС-сезоната 2028, Аргентинецот веќе ги прави првите чекори кон сопственичкиот пат. Заедно со долгогодишниот соиграч и пријател Луис Суарез го основа уругвајскиот четвртолигаш Депортиво ЛСМ. Иницијалите на клубот ги носат нивните имиња – Луис Суарез и Меси, а проектот веќе брои околу 80 вработени и повеќе од 3.000 членови.

„Депортиво ЛСМ е семеен сон кој започна во 2018 година. Пораснавме многу и сакаме на уругвајскиот фудбал да му понудиме можности за развој на деца и тинејџери“, изјави Суарез.

Меси со задоволство се приклучи на проектот.

„Горд сум и среќен што ме одбравте. Се надевам дека ќе придонесам колку што можам за да продолжиме да растеме и да бидеме заедно во ова“, порача тој.

Покрај тоа, Меси неодамна го иницираше и „Меси куп“, младински турнир за фудбалери до 16 години, кој во Мајами собра осум академии од целиот свет со цел развој на млади таленти. Првото издание, одржано во декември, го освои Ривер Плејт со победа над Атлетико Мадрид во финалето.