Подолгата клупа односно поголемиот избор квалитетни кошаркари се покажа како клучен фактор за триумфот на МЗТ Скопје во вечерашната дерби пресметка против Блокотехна со 97-90 (18-24, 28-24, 28-17, 23-25), во претпоследниот меч од 12. коло од Првата лига, прво во новата 2019 година.

Гевгеличани уште еднаш покажаа зошто досега имаа само еден пораз и со борбена и прецизна игра му задаваа големи проблеми на тимот од Аеродром, кој во своите редови има дури седум репрезентативци на Македонија. Одличниот старт на третиот период со серија 12-4 на сино-белите им ја донесе првата поопиплива предност (58-52), а во 27. минута веќе дојдоа и до двоцифрена позитива (71-58) со која го најавија крајниот епилог.

Тоа, сепак, не значеше целосно предавање на мотивираниот гостин од Гевгелија, кој без разлика на големиот замор на носителите поради скусената ротација, одговори со осум поени во низа за да продолжи да му „дише во врат“ (64-71) на македонскиот претставник во АБА2-лигата. Но, аеродромци се преискусни за да испуштат ваква можност, па до крајот умешно ја одржаа предноста која најчесто беше двоцифрена

Една од причините за поразот на Блокотехна е и повредата на еден од најдобрите поединци во тимот, Марјан Младеновиќ, кој уште во втората минута се пожали на повреда поради што одигра само 11 минути во кои остана на пет поени од самиот почеток на мечот. Неговото отсуство дополнително ја намали ротацијата на гостинот, кој средбата ја почна жестокот па имаше 8-0 по само неколку минути. Гевгеличани доминираа во првото полувреме, во кое „металците“ само еднаш поведоа и тоа пред самиот крај на втората четвртина (44-43), но во продолжението снемаа сила па на крајот мораа да му честитаат на противникот.

Во МЗТ Скопје, кој со ова му се реваншира на противникот за поразот во првиот дел од првенството, дури шестмина имаа двоцифрен поентерски ефект. Андреј Магдевски беше најефикасен со 18 поени со девет асистенции и четири украдени топки, Андрија Бојиќ постигна 17 поени со четири скока, Џејмс Вудард 14, а Дамјан Стојановски, Иве Иванов и Марко Симоновски по 13 поени. Кај составот од Гевгелија, Данило Мијатовиќ со 18 поени и 12 скока беше најзабележителен, а одлична партија прикажаа и Предраг Николиќ (18 поени) и Горан Главчев (16 поени, пет скока, седум асистенции), кои заедно постигнаа шест тројки со само едно промашување.

По овој дуел, на кој беа реализирани дури 20 тројки (11 на Блокотехна) двете екипаат имаат учинок 9-2 и се наоѓаат веднаш зад Работнички, кој сега останува единствен со еден пораз. „Центарци“ својот меч од 12. коло ќе го одиграат в среда и тоа на домашен терен против АВ Охрид.

РЕЗУЛТАТИ: Пелистер-Фени 86-90, Куманово-Вардар 73-65, Кожув-Гостивар 73-78, МЗТ Скопје-Блокотехна ..., Работнички-АВ Охрид (среда). Слободен е Шкупи.

ТАБЕЛА: Работнички 9-1, Блокотехна 9-2, МЗТ Скопје 9-2, Гостивар 7-4, Фени 7-4, Куманово 6-5, Кожув 5-6, АВ Охрид 3-7, Вардар 2-0, Пелистер 2-9, Шкупи 0-10.