Работнички пак ќе игра без публика, кошаркари на ТФТ се истепале меѓу себе!
Најлошо поминаа ТФТ и Работнички кои во 14. круг гостуваа кај Кожув, односно МЗТ Скопје. На двата натпревара имаше инциденти и прекини, на едниот поради однесувањето на скопската екипа, а на другиот поради навивачите.
ТФТ ќе мора да плати вкупна сума од 87.400 денари и тоа по три основи. Едната од нив е највисока во историјата на клубот и изнесува 80.000 денари поради четири технички грешки и тепачка на двајца соиграчи - Едис Нури и Дејвид Хотон кои се степаа во финишот од натпреварот. Казна од 6.400 денари доби Иван Сапунџиев, а Говенс со 1.000 денари за технички грешки.
Лошо помина и Работнички кој е казнет со вкупна сума од 53.600 денари по четири основи: 9.600 за две технички грешки и исклучување на Виктор Ефремовски, 16.000 денари за фрлање петарди, чадни бомни и експлозивни направи на терен, 8.000 денари за неспортско и навредливо навивање и 20.000 денари за прекин подолг од пет минути, предизвикан од навивачите. Покрај сето ова, повторно е суспендиран теренот на Работнички (кој и да биде во следното коло) и тимот од Градски парк ќе мора да игра без публика.
Казните во ова коло ја надминаа границата од 200 илјади денари, а казнет е и МЗТ Скопје со вкупно 30.000 денари, Кожув со 15.400 денари, Вардар со 10.600 итн.