Нов проблем за КФМ: Уште еден прволигаш пријави кошаркари позитивни на Ковид-19!

Кошаркарската сезона, по едномесечното пролонгирање поради пандемијата, би требала да почне викендов, ама тоа дефинитивно нема да биде со пол капаците бидејќи по Вардар, вечерва позитивни на Ковид-19 пријави уште еден прволигаш.

Станува збор за тимот на Пелистер, кој по денешните задолжителни тестирања се здоби со статус на екипа со позитивни играчи во своите редови. Битолчани имаат двајца кошаркари заразени со коронавирусот, како и уште еден со симптоми за кого се чекаат резултатите од тестот.

„Во консултација со директорката на Центарот за јавно здравје, дадена е препорака за самоизолација на екиапта од минимум седум дена, со оглед што играчите со симптоми претходно беа изолирани“, се вели меѓу другото во дописот на пелистерци до Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Решението за самоизолација автоматски значи дека Пелистер нема да може да го одигрa утрешниот дуел против Кожув во Гевгелија, но и тој од второто коло, кој в среда требаше да го одигра со Вардар на домашен терен.

Ова значи дека во моментов во „игра“ се пет меча од воведната рунда од Првата лига и тоа утрешните помеѓу ТФТ и Куманово (18 часот) односно помеѓу Академија ФМП и Гостивар, како и тие в недела помеѓу МЗТ Скопје УНИ Банка и Еуро Никел (16 часот) и помеѓу Работнички и МЗТ Скопје (18 часот).