Мечот помеѓу Чаир и МЗТ ќе се доигра во празна сала, а двете екипи се казнети парично!

Натпреварот помеѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје, втор од 20. коло од Првата лига, кој синоќа беше прекинат на полувремето (42-44) поради напад на неслужени лица врз гостинските тренери и кошаркари, ќе мора да се доигра и тоа во празна сала во рок не подолг од 48 часа.

Ова денеска експресно го одлучи комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, кој изрече доплнителни парични казни и тоа во износ од 60.000 денари за чаирчани, но и 30.000 денари за гостите од Аеродром. Екипата на Чаир 2030 е казнета со 40.000 денари поради присуство на неслужбени лица на теренот и во ходникот кон соблекувалните, а дополнителни 20.000 денари ќе плати поради однесувањето на техничкиот раководител, Алајдин Мустафа, кому му е изречена и забрана за работа во кошарката до крајот на сезоната. МЗТ, пак, парите ќе мора да ги плати поради предизвикување прекин подолг од 15 минути.

Според образложението на Милојевиќ, предводниците на макбаскетот признаваат дека имало вербален напад на Мустафа врз плејмејкерот на МЗТ, Џон Гилон, но никаде не се споменува ударот врз помошник тренерот и влегувањето и заканите во соблекувалната, за кои аеродромци тврдат дека се случиле и кои се пријавени во полиција.

Сите актери имаат право на жалба до Арбитражната комисија во рок од 24 часа. Целата одлука може да ја прочитате ТУКА.