КФМ ги „испразни“ касите на полуфиналистите, најжестоко казнет – Работнички!

Полуфиналните средби од кошаркарскиот плејоф донесоа квалитетна и возбудлива кошарка, победи на МЗТ Скопје и Пелистер над Работнички односно ТФТ во по два меча, но и сцени какви што не посакуваат организаторите на натпреварувањето, поради што потоа – жестоко ги казнија прекршителите на правилата.

Најлошо мина тимот на Работнички, кој освен што не успеа да дојде до посакуваното финале, остана и со испразнета каса поради проблемите кои во двата дуели против вечниот ривал ги направија нивните навивачи. Центарци вкупно ќе треба да платат 89.000 денари, од кои по 40.000 за фрлањето петарди, чадни бомби и тврди предмети на средбите одиграни во Аеродром односно во СРЦ „Кале“. Дополнително, челниците на 15-кратниот првак се санкционирани за неспортско навивање на нивните фанови, како и за немање лица за бришење на паркетот.

Неочекувано, втор според казните е и вториот поразен полуфиналист, екипата на ТФТ, која во касата на КФМ ќе треба да уплати вкупно 46.200 денари. Половина од оваа сума е за неспортско навивање на двата меча, како и за палење факел, додека остатокот е поради техничките грешки на дел од кошаркарите на овој тим. Управата на МЗТ Скопје, пак, ќе треба да плати 34.000 денари и тоа за фрлање петарди, чадни бомби и за неспортско навивање на фановите на овој тим на двете средби против најлутиот ривал.

Најдобро од сите полуфиналисти мина Пелистер, чија каса ќе биде попразна за 22.400 денари и тоа поради технички грешки, на клупата, на тренерот Марјан Илиевски и на Сеад Хаџифејзовиќ.