Гостивар го преживеа Корбет, Еуро Никел на +41 против Охрид

По два пораза, Гостивар успеа да победи на домашен терен и тоа во еден од двата дерби дуела на седмото коло од Првата македонска кошаркарска лига.

Гостиварци славеа против Чаир со 89-84, прекинувајќи му ја на противникот серијата од четири победи во првенството. Мечот имаше две различни полувремиња, во првото доминираа гостите и на голем одмор заминаа со 44-36, а во второто Гостивар направи пресврт и дојде до победата. Клучна се покажа серијата од 11-2 на домашниот тим во последниот квартал по што поведе со 82-70 и тоа беше недостижно за противникот. Чаирчани, сепак, направија драма, се доближија на 84-86 на минута пред крајот, но потоа Вензант погоди за +4 и стави точка на мечот.

Гостивар го преживеа одличното издание на Корбет кој постигна 36 поени и 17 скока и беше убедливо најдобар поединец на мечот. Сепак, изостана помошта од клупата бидејќи резервните играчи постигнаа само шест поени. Kaj Гостивар доминираше американското трио Инграм-Вензант-Вилијамс кое постигна 70 од вкупно 89 поени.

Еуро Никел продолжи со одличните игри оваа сезона и со 100-59 го совлада Охрид на домашен терен. Во првиот дел гостите некако се држеа, но второто полувреме му припадна на кавадаречкиот тим со 55-20. Петмина кошаркари на Еуро Никел постигнаа двоцифрен број поени, а Глигоријевиќ и Дубински остварија дабл-дабл. Столески го предводеше Охрид со 16 поени.