Додека помладите се на плажа: Дамјан и Војдан веќе почнаа да тренираат за новата сезона!

Дамјан и Војдан Стојановски одамна имаат место во историјата на македонската кошарка, но тоа не ги „успива“ со оглед што без разлика на возраста и фактот што се највозрасни во лигата тие традиционално први почнуваат со тренинзи.

Додека најголем дел од многу помладите од нив македонски кошаркари периодов го минуваат во одмор на плажа, без воопшто да размислуваат на напорна работа и вложување во себе на индивидуален план, браќата-близнаци почнаа да ги „кинат“ мрежичките. Без разлика што имаат реноме, рејтинг, но и акумулиран квалитет и кондиција, Дамјан и Војдан на неколку месеци пред 38-миот роденден се први во сала и тоа во пеколни услови и на 40 степени, кои не само што не им пречат туку им даваат дополнителен мотив.

„Ова ни е навика. Едноставно не можеме подолго време без сала, топка, тренинзи. Ова го правиме за себе, за да останеме во форма и подготвени да ги дочекаме подготовките за новата сезона. Летото е можност да се посветиш на себе си, на својата индивидуална игра, да работиш на тоа што мислиш дека ти фали или дека ти е послаба страна. Така правиме од почетокот на кариерата, па не гледаме зошто би прекинале и сега“, велат во еден глас браќата Стојановски.

Дајман и Војдан сигурно ќе бидат дел од екипата на МЗТ Скопје и во следната сезона, со оглед што имаат уште една година за одработување од договорот со актуелниот првак. Ако денот се познава по утрото, за очекување е и уште една сезона да бидат предводници на составот од Аеродром, без разлика што полека, но сигурно се наближуваат кон петтата деценија. Нивниот пример треба да биде потенциран во секоја младинска школа во секој клуб во државата, како мотив за тие што допрва почнуваат да се занимаваат со кошарка и како доказ дека со напорна работа може да се стигне и до ѕвездите.