Чаир е често, опасно место: Лани настрада Работнички, сега МЗТ – кој е следен за отстрел?

Екипата на Чаир 2030 одново е во центарот на вниманието на македонската кошаркарска јавност, но одново не поради добрите игри и резултати, туку поради голем инцидент кој се случи на синоќешната средба на домашен терен против МЗТ Скопје, која беше прекината на полувремето поради напад врз тренерите и кошаркарите од Аеродром.

Според сино-белите, на пат кон соблекувалната неколку пати во главата бил удрен еден од помошниците на тренерот Васко Атанасов, а потоа неслужбени лице влегле во соблекувалната и им се заканувале на играчите со физички напад. Поради ова и загриженоста за сопствената безбедност поради многуте неофицијални лица присутни во службените простории, „металците“ решиле да не го продолжат натпреварот. Чаирчани потоа ги демантираа ваквите наводи, но голем дел од притисокот и присуството на неслужени лица на теренот можеа да се видат и во телевизискиот пренос.

Ова е втор голем инцидент на домашните средби на Чаир 2030 во само втората прволигашка сезона на овој клуб. Се уште во сеќавање на спортската јавност е стравичниот инцидент на средбата од минатото првенство против Работнички, кога официјалниот фотограф на клубот втрча на теренот и физички го нападна плејмејкерот на противничкиот тим, Ерик Нотиџ (види ТУКА). Поради ова, чаирчани беа казнети со десет средби играње без публика, како обид за подобрување на однесувањето, мерка што очигледно не вродила премногу со плод.

Овој тим беше инволвиран во голем инцидент и во 2018 година на јуниорскиот меч против Вардар (види ТУКА), родител на еден од кошаркарите на Чаир 2030 со бокс го удрил делителот на правдата на овој дуел, Александар Ѓорески. Прволигашкиот судија нападот веднаш го пријавил во полиција.

Чаир и чаирчани и претходно биле непријатни за кошаркарски натпревари. Уште во 2012 година, според тогашниот извештај на телевизија Сител, група навивачи од албанска етничка припадност кои ја бодреле екипата на НБА-Чаир најпрвин ги навредувале, а потоа физички ги нападнале кошаркарите на Партизан Водно санс во рамки од М-18 кошаркарското првенство.

Сега на потег е Комесарот Александар Милојевиќ, како и останатите предводници на македонската кошарка, кои треба да донесат одлука за прекинатиот натпревар помеѓу Чаир 2030 и МЗТ Скопје. Од нивната одлука ќе зависи и начинот како во иднина ќе се однесуваат навивачите и луѓето од Чаир 2030 на домашен терен, но и во кој правец ќе оди макбаскетот во делот на заштита на безбедноста на актерите на теренот.