Родител на кошаркар од Чаир по крајот на мечот го нокаутирал - судијата!

Уште еден скандал ја затресе македонската кошарка, откако викендов се случи тежок инцидент на меч од јуниорската лига помеѓу Вардар и Чаир 2030, по кој непознат насилник физички нападнал еден од двајцата судии на оваа пресметка.

Неофицијално, според нашите информации, станува збор за родител на еден од кошаркарите на Чаир 2030, кој по натпреварот одигран во малата сала СРЦ „Кале“, подмолно и од страна, со бокс го удрил делителот на правдата на овој дуел, Александар Ѓорески. Прволигашкиот судија нападот веднаш го пријавил во полиција, од каде што најавиле расчистување на случајот и пронаоѓање на, засега, непознатиот насилник.

„На 04.11.2018 година во 15,20 часот во полициска станица Центар, А.Ѓ.(37) од Скопје пријавил дека околу 13,35 часот во сала на улица „Лазар Личеноски“ по завршување на кошаркарски натпревар на кој оштетениот бил судија, физички бил нападнат од страна на непознато лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според информациите од кошаркарските кругови, ова е втор тежок инцидент кој се случува по натпреварите на Чаир 2030, а кој се поврзува со луѓе блиски до овој клуб (судиите со полициска заштита ја напуштиле салата). Ако е тоа точно, раководството на МКФ треба итно и ригорозно да реагира и да спречи било каква ескалација во однесувањето, со цел да спречи појавување на нов „НБА Чаир“, тим кој во минатото беше синоним за скандали и инциденти во младинските категории.