Прекинат мечот во Чаир по напад врз кошаркар, голема драма во Кавадарци! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Работнички петтата победа по ред во Првата лига наместо на паркет ќе ја осигураат на „зелена маса“, откако нивното вечерашното гостување кај Чаир 2030 беше прекинато кон средината на вториот период и при водство 44-23, откако неодговорен гледач влезе во теренот и со боксови го нападна Американецот во нивните редови, Ерик Нотиџ.

Инцидентот се случи откако црвено-белиот интернационалец имаше мал вербален дуел со домашниот плејмејкер Арбин Рушити, по што навивач на чаирчани го претрча целиот терен и со залет тргна да го нокаутира Нотиџ. Ударот, за среќа не ја погоди целта, но дури и откако беа раздвоени, хулиганот продолжи да замавнува во обид да му удри бокс на американскиот кошаркар на Работнички. Брзо реагираше обезбедувањето и полицијата, а судиската тројка по извесно време реши да го прекине натпреварот.

Драматично, ама од чисто спортски аспект, беше и во Кавадарци, каде што домашниот Еуро Никел по едно продолжение му го нанесе вториот пораз сезонава на Гостивар (92-86). Кавадарчани водеа во поголемиот дел од средбата, но гостите во финишот направија пресврт и на 13 секунди до крајот преку Пипкинс дојде до дополнителни пет минути, во кои, сепак, немаа сили да му се спротивстават на Еуро Никел. Соколов со 20 поени, седум асистенции и шест скока беше најпрецизен во победничкиот тим, каде што Младеновиќ заврши со 18 поени, а Џекиќ постигна 16 поени, додека на Гостивар не му помогна ниту извонредниот Пипкинс, кој мечот го заврши со 33 поени, шест скока и пет асистенции. За Еуро Никел ова беше петта победа сезонава, наспроти и четири порази, а Гостивар остана на третата позиција на табелата со седум победи и сега два порази.

Претходно, Академија ФМП како гостин го совлада Куманово (102-83), ТФТ лесно ја освои Струмица (111-84), додека вечерва играат уште Феникс и Пелистер. Деветтата рунда од Првата лига ќе се комплетира утре со пресметката помеѓу Кожув и МЗТ Скопје (18 часот).