Анти-херој на 2024-та: Перо Антиќ – верниот делија и борец за удобната фотелја во КФМ!

Некако традиционално, како што кифличките и руската салата „легнуваат“ за време на новогодишните празници, во нашиот избор на спортист или спортски работник кој во негативна смисла ја одбележал година едно име постојано излегува во преден план.

Тоа е Перо Антиќ, кој предминатата 2023-та ја заврши со агитација за српскиот претседател Александар Вучиќ и помпезно гласање за него (медиумите го следеа во секој чекор) на изборите во северното соседство (види ТУКА, ТУКА и ТУКА), а во веќе изминатата година продолжи во сличен стил – со појавување во медиумите најчесто во негативна конотација. Тој како предводник на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) не направи ништо посебно за напредок на макбаскетот, кој продолжи да паѓа во квалитет, но и пред сѐ во условите за играње. Речиси да нема коло во кое не се утврдени отсуства на елементарни работи потребни за еден натпревар, салите се кочан студени или пеколно жешки, но освен паричните казни од Куќата на кошарката нема никаков напор ситуацијата да се подобри. Санкциите се минорни, а кулминација на хаосот беше играњето во Гостивар со семафори за напад ставени крај терен како што се играше во минатиот век (види ТУКА). Во Македонија кошарката стана смешен спорт во кој сѐ може да помина само ако на тоа се согласат двајцата тренери.

Младинските репрезентации забележаа нов пад на европската ранг-листа, а единствената селекција што направи успех предизвика хаос надвор од теренот, собирајќи храброст јавно да ги потенцира ужасните услови кои ги имале за тренирање и играње (види ТУКА). „Добрата“ вест е што лигата конечно доби спонзор, ветување кое Антиќ го даде по реизборот на претседателската функција за кое рече ќе се оствари за неколку дена, а тоа го направи по „само“ 18 месеци (види ТУКА). Но затоа, додека кошарката полека доаѓаше на ниво да не биде ниту втор-трет спорт во Македонија (а долго време беше убедлив лидер), некогашниот европски шампион не пропушташе да навива за црвено-белите од Белград и Атина (види ТУКА и ТУКА), но и да му „биде менаџер“ на српскиот ас, Богдан Богдановиќ (види ТУКА). Ако ништо друго, пак, некогашниот НБА кошаркар ќе може да се „пофали“ дека ги „обединил“ најголемите ривалски навивачки групи - Сити Парк Бојс и Фемили (види ТУКА и ТУКА).

И пред крајот на годината, без разлика на многуте пропусти, киксови и неодработени агенди, Антиќ влезе во грчевита борба за останување во фотелјата. На Собранието на КФМ му беше побарана оставка со резултат 39-7 од клубовите (види ТУКА), но тој не го послуша барањето на мнозинството и го остави собирот не довршен, без усвоена завршна финансиска сметка што дополнително може да донесе проблеми за Федерацијата. Лани истовремено беше откриен и најголемиот скандал во историјата на макбаскетот, а тоа е фактот што на Собранието на кое го доби вториот мандат за него гласале неговите кумови, роднини, вработени во КФМ, па дури и неговиот татко (види ТУКА).

Круна на неговата (не)работа и (не)грижа беше заборавањето да ги прогласи најдобрите кошаркар(к)и и екипи за 2024 година, нешто што досега се нема случено во неговиот долгогодишен мандат (види ТУКА). Ова беше преседан по дури осум години, што во јавноста и кошаркарските работници беше протолкувано како своевидна казна за тие од мнозинството кои се „дрзнаа“ да побараат да си замине од удобната фотелја.