РФМ ги отвори вратите за дуелот на Македонија против светскиот вицешампион!

Влезот за последниот домашен натпревар на женска ракометна репрезентација на Македонија во евро-квалификациите ќе биде бесплатен – потег што треба да ги наполни трибините и да донесе силна поддршка за „црвено-жолтите“.

Ракометна федерација на Македонија (РФМ) одлучи да не се наплаќаат билети за дуелот со светскиот вицепрвак Германија, средбата што ќе се одигра на 8 април (среда) од 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“, по што македонските ракометарки ги очекува и гостување кај Словенија. Македонија сè уште е во игра за пласман на Европско првенство во ракомет 2026, кое ќе се одржи во Романија, Словачка, Турција, Полска и Чешка.

Со победата над Белгија од 33-28, нашата селекција практично го обезбеди третото место во групата, и покрај поразот во првиот меѓусебен дуел (25-26). Покрај прво и второпласираните од квалификациските групи, на Европското првенство ќе се пласираат и четирите најдобри третопласирани репрезентации – што значи дека Македонија и тоа како има за што да се бори во завршницата.